Во интервјуто Спасовски зборува и за други актуелни случаи, како што беше и неодамнешната кражба на масло од канабис од објектот во Алданци кој ѝ припаѓа на фабриката за производство на марихуана „5 летерс“, којашто сега е во стечајна постапка. Податоците, вели министерот, се собираат за да се откријат сторители. Исто така, тој констатира и дека сите досегашни слични грабеше биле расчистени

Управата за финансиско разузнавање го известила Министерството за внатрешни работи за случајот со поранешниот генерален секретар Мухамед Зеќири кој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувања во истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На прашањето како МВР дојде со сознанија за овој случај, министерот одговара:
„Секој обид или секоја индиција дека постои каков било криминал или висока корупција, и во државните органи, се процесуира. Така што, сите овие активности, пред сè Управата за финансиско разузнавање ги следи финансиските трансакции, веднаш каде што постои сомнеж го известува надлежното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, постапуваме по однос на овие дела. Секако и за конкретниот случај којшто го споменавте е постапувано на тој начин. Ние нашата работа професионално ќе си ја завршиме, но сепак доказите на крај треба да ги цени судот и да ги донесе одлуките“.
Во истрагата со поранешниот генерален секретар на Владата осомничени се и двајца хрватски државјани. Случајот се однесува на злоупотреби во врска со склучување договор за консултантски услуги односно за изработка на физибилити студија за „Пошта на Северна Македонија“. Обвинителството го сомничи генералниот секретар оти во периодот од април 2021 до јануари 2022 г., без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма којшто договор бил во вкупна вредност од околу 941 985 евра што е за околу 147 000 евра повеќе од 795 000 евра, износ што бил договорен за консултантските услуги.
Инаку, во интервјуто Спасовски зборува и за други актуелни случаи, како што беше и неодамнешната кражба на масло од канабис од објектот во Алданци кој ѝ припаѓа на фабриката за производство на марихуана „5 летерс“, којашто сега е во стечајна постапка.
Податоците, вели министерот, се собираат за да се откријат сторители. Исто така, тој констатира и дека сите досегашни слични грабеше биле расчистени.
„Ова не е прв случај да ни се случува од вакви објекти, од фабрики за медицински канабис да имаме изнесување или во некои од случаите кражба на опојните дроги. На тоа полицијата имаше реакции во изминатиот период. Повеќе такви акции беа спроведени и сторителите изведени пред лицето на правдата. Секако дека надлежноста во однос на обезбедувањето на објектите и чувањето си ја имаат фирмите, според сите прописи, додека надзорот од овој аспект го врши Министерството за здравство. Така што ние сме максимално посветени во делот на контролата и надзорот што е во надлежност на МВР. Овде станува збор за кражба за којашто се прибираат податоци, сè со цел сторителите да бидат пронајдени и казнети. Сите досегашни слични грабежи беа расчистени“,
вели Спасовски.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.