Фабриката во моментов е во стечај откако пред повеќе од една година Владата ѝ ја одзеде лиценцата
При кражба од фабриката „5 летерс“, која имаше лиценцата за одгледување на марихуана, се украдени 108 шишиња масло од канабис и шест најлонски кеси со иглички од цвет од канабис, велат од МВР за „360 степени“.
Кражбата се случила во периодот од вечерните часови во понеделникот (18 април) до утринските часови во вторникот (19 април). Сторителите, засега, не се познати.
„На 19.4.2022 во 11.31 часот во СВР Битола, раководител на агенција за обезбедување пријавил дека во периодот од 18:30 часот на 18.4.2022 до 6:30 часот на 19.4.2022 во фабрика за производство на марихуана во стечај во близина на село Алданци, Крушевско, било влезено со употреба на сила и погоден алат и биле одземени 108 шишиња масло од канабис и шест најлонски кеси со иглички од цветот од растението канабис. Увид на местото извршиле увидни екипи од Надворешните канцеларии за криминалистички работи Крушево и Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
За кражба во оваа фирма утрово на социјалните мрежи објави пратеникот и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, тврдејќи дека украденото масло е во вредност од 2 милиона евра, како и дека таа се случила утрово.
Фабриката во моментов е во стечај откако пред повеќе од една година Владата ѝ ја одзеде лиценцата. Нејзиното производство беше лоцирано во крушевското село Алдинци. Од неа во декември 2020 година беа украдени 60 килограми марихуана. По тогашниот грабеж, имаше и вонредни контроли.
Комисијата за оценување до Министерството за здравство потоа препорача да ѝ се одземе лиценцата, за што Владата даде согласност на седница на седница на 9 февруари 2021 г.
„Констатирано е дека условите во однос на просторот, опремата и кадарот оценети и усвоени од Комисијата за добивање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели не ги задоволуваат одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во делот на кадарот со што е постапено спротивно на член законските одредби за оваа дејност“,
соопштија тогаш од Владата.