Вчера Обвинителството соопшти дека ќе ги истражи информациите дали и кои лица ги дале информациите за меѓународната акција за нелегално издавање македонски пасоши на припадници на балканското и регионалното подземје со украдени идентитети на иселеници
Политиката е една работа, меѓутоа да работите директно против интересите на државата, да се рушат истрагите, е нешто што апсолутно не е дозволено, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за Алџезира, за објавувањето детали од акцијата „Двојник“ од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Спасовски истакнува дека секој граѓанин и посебно политичар, ако добие каква било информација за некакви нелегални дејствија, ако има за тоа некакви сознанија, треба да ги сподели најпрвин со Обвинителството, но кога се знае дека има таква истрага, а овие податоци се споделуваат во јавноста тоа е обид за саботирање на истрагата.
Во наредниот период тој очекува дека ќе се докаже од кои причини е направено тоа, а Спасовски очекува да реагира Обвинителството, од каде треба да се утврдат овие факти.
Вчера Обвинителството соопшти дека ќе ги истражи информациите дали и кои лица ги дале информациите за меѓународната акција за нелегално издавање македонски пасоши на припадници на балканското и регионалното подземје со украдени идентитети на нашинци од дијаспората.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера и денеска продолжи со објавување на документи за лица кои добиле некои од 219-те такви пасоши.