На обвинувањата од опозицијата за неговата и одговорноста на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во аферата со издавањето пасоши во случајот „Двојник“, премиерот Зоран Заев возврати со одговор дека најголемите фалсификати се случувале во време на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не може да се обвинува министер, премиер или слично заради тоа што спровеле успешни акции, посебно докажувајќи дека тие акции биле со месеци цел на анализа, документирање, аргументирање за да бидат изведени пред суд. Кога во анализите ќе видите кога се случувало тоа, кога се правени ваквите најголеми фалсификати и криминали со лажни матични броеви, ќе видите дека тоа е за време на режимот односно за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави Заев.
Премиерот рече дека станува збор за сериозна акција која е работена со меѓународните партнери и се должи на зајакнатата соработка што ја имаме како членка на НАТО, но и заради традиционалните добри односи со партнерите. Кога има успешна акција, вели тој, наместо да се бара одговорност, некој треба да се награди.
„Кога некој открива и активно процесира криминал, тој треба да се награди, а не да одговара. И тие се вредностите секаде во светот така и кај нас. Како што рече и министерот за внатрешни работи, ова е неколкумесечна акција која се работи со Интерпел, регионалниот центар на САД во таа област и другите партнери, со конечна цел да се спречат и казнат ваквите постапки. Луѓето што се извадени пред суд и им е одредена мерка притвор се откриени, дале преку 200 пасоши со измислени матични броеви и успешно е направена анализата, документирана и процесирана пред правосудните инстанци. Целиот период наназад низ годините и децениите што се случувало, на крајот има успешна завршница за да не се повтори никогаш повеќе“,
рече Заев.
Во однос на обвинувањата за блискост на власта со странци осомничени за криминали што добивале вакви пасоши, премиерот вели дека некој се обидувал да кокетира со одредени политички субјекти во целиот период за да се спаси или да направи политичка тема од ова прашање, но потенцира дека акцијата е професионално и успешно завршена. Конкретно за турскиот државјанин Седад Пекер, за кого опозицијата објави дека се сликал во полициска станица во Драчево и добил лични документи под името Џадин Адемовски, Заев вели дека е информиран оти се среќавал со дел од неговите коалициски партнери.
„Господинот што го спомнавте е еден од тие што добиле фалсификуван пасош, истовремено е осомничен за одредени дела во Турција. МВР го избрка како персона нон грата од државата по други видови постапки. Секако тој што работел на нелегалното издавање пасош е дел од самата постапка која е процесуирана пред правосудните органи. За тоа дали се гледале коалициски партнери или луѓе од мојата партија или слично, апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој заднински работел на некакви нелегални пасоши или слично. Апсолутно не гледам вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите, партиите партнери имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места, но апсолутно не може да се каже дека некој има вина поради тоа зашто нормално е кога некој ќе побара средба и да ја закаже средба. Но институциите функционираат и го дадоа резултатот“,
рече Заев.