Довчерашниот технички премиер Оливер Спасовски се врати на министерското место во МВР, функција што ја извршуваше до неговото назначување за претседател на техничката влада.
Во МВР денеска беше извршено примопредавање на функцијата меѓу Спасовски и досегашниот министер на МВР, Агим Нухиу.
„Продолжуваме со реформите што ги почнав во претходниот мандат како министер за внатрешни работи, со опремувањето на полицијата, со цел подобрување на работењето на полицијата во служба на граѓаните“,
напиша Спасовски на својот профил на Фејсбук.
Тој во јануари застана на чело на техничката влада, чија задача според пржинскиот договор беше да ги организира предвремените парламентарни избори кои првично беа закажани на 12 април, а беа одложени поради корона-кризата.
Нухиу, пак, ја извршуваше функцијата министер за внатрешни работи од средината на јули по објавувањето на конечните резултати од парламентарните избори со што истече мандатот на дотогашниот технички министер, Наќе Чулев.