Бегството, па појавувањето на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е една од главните теми на денешните пратенички прашања во Собранието.
На прашање од пратеникот Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, кој случувањата ги оцени како најскапиот циркус во државата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски повтори дека нема никаков скриен политички договор и дека, како што рече, „крадецот секогаш вика фатете го крадецот“.
„Апсолутно, тезите што сега се покренуваат дека некој нешто договарал со некого за одреден случај, мислам дека се демантираат една по друга или се исклучуваат една од друга. Ако некој со некого се договарал, за што се договарал, да избега или да се врати повторно пред лицето на правдата, кој е тој договор што е правен и со кого бил правен? Никакви договарања нема и нема да има со кого било, а секој еден што носел какви било одлуки спротивни на закон, спротивни на интересите на граѓаните и на државата, треба во секој момент да излезе пред лицето на правдата и да понесе одговорност“,
рече Спасовски.
Јанушев рече дека не е задоволен од одговорот и дека не „држат вода“ тезите на Спасовски дека не се комплементарни тврдењата за политички договор.
„Во сабота околу 12:30 на пладне, Русковска доби информација дека е можно бегство. Потоа следувале разговори Спасовски-Русковска, а полицијата дури во 22 часот вечерта го има решението. Цел ден го отепале знаејќи што се подготвува. Со кого мислите дека си играте, господине Спасовски? Дали дома ви веруваат?“,
рече Јанушев
Кога зборуваме за правда, за постапки, за сѐ што се случува околу правдата, вие сте „најдобриот“ соговорник со кој може да разговараме, возврати Спасовски.
„Осомничен за криминал и од СЈО и сега се води постапка во Јавното обвинителство, другар партиски, по криминал, другар по мафијаштво на Груевски и на Мицкоски, и сега за кого и во кого треба да се има верба. Криминалот и корупцијата се одлика на вашето време и времето во кое вие успеавте да воспоставите начин на функционирање во тој момент на режимот таков каков што беше. Тоа го кажувам само околу кредибилитетот, секогаш крадецот вика држете го крадецот и прашува зошто се водени такви постапки“,
изјави Спасовски.
Јанушев во реплика истакна дека е евидентна нервозата кај Спасовски и потенцира дека ниту е осомничен ниту се води некоја постапка против него и дека брзо ќе дојде правдата за сите.
„Вие сами не си верувате, вие сте срам и брука за државата“,
рече Јанушев.