Изјавата на министерот следува откако МВР објави дека во полициската станица во Делчево на 17 декември било пријавено дека маж телефонски упатил лажна закана за наводно поставени бомби на неколку локации во Делчево
Во фаза на расчистување е случајот со пријавите за наводно поставени бомби во Делчево, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и изрази надеж дека случајот наскоро ќе биде расчистен.
Изјавата на министерот следува откако МВР објави дека во полициската станица во Делчево на 17 декември било пријавено дека маж телефонски упатил лажна закана за наводно поставени бомби на неколку локации во Делчево.
Министерот Спасовски за време на денешната посета на Куманово упати порака дека е потребен заеднички одговор во борбата против хибридните закани во земјава.
„Сите треба да се вклучиме во борбата за да ги спречиме овие закани и напади. Веќе сме во фаза на расчистување и се надеваме дека наскоро ќе го расчистиме случајот со пријавување на бомби во Делчево. Полека откривачката дејност во овој дел се шири, меѓутоа хибридните закани што доаѓаат и кои сметаме дека се дел од испреплетување на геостратешките интереси токму на нашата територија се напади за кои е потребно заеднички да дадеме одговор“,
рече Спасовски.
За ваквите хибридни напади да се спречат, според министерот треба да се градат материјалните и човечките капацитети во институциите.
Како одговор на континуираните лажни дојави за бомби во земјава, Владата пред два дена информира дека е формиран оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани со кој ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Главните задачи на оперативниот тим, како што посочија од Владата, ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво.