Премиерот сугерира дека опозицијата би можела на местото на Мизрахи да предложи некој од пратениците што гласаа за уставните измени
„Можам да правам компромис и да разговараме за политички теми, да бараме решенија за тие теми, но да правам компромис за почитување Устав и закон, и посебно на министер што даде свечена изјава пред Собрание дека ќе ги почитува Уставот и законот, тоа нема да се случи“, изјави премиерот Оливер Спасовски во одговорот на новинарско прашање дали размислува, за да се избегне политичка криза, да го повлече барањето за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

На прашањето како може да се реши ова прашање, Спасовски посочи дека во предлогот доставен во Собранието за разрешувањето на министерката Мизрахи, тој нема дадено ново решение и затоа, како што рече, тоа останува на опозицијата.
„Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и ќе даде кандидат што ги почитува Уставот и законите. На пример, еден од пратениците што гласаа за Северна Македонија и за Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам“,
изјави премиерот Спасовски на денешната заедничка прес-конференција со директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски.
Спасовски вчера до Собранието поднесе предлог за разрешување на Мизрахи откако министерката неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името Република Македонија и притоа се правдаше дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.
Но, анализата на „360 степени“ покажа дека фотографиите на кои се повикуваше Мизрахи се објавени пред да стапат во сила уставните измени врз основа на Преспанскиот договор.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров викендов на прес-конференција соопшти дека стигнала протестна нота од Грција откако техничката министерка за труд и социјална политика ја врати таблата со старото уставно име на државата. Според Димитров, Мизрахи ги загрозила и интеграциските процеси на земјата и побара таа да биде разрешена.
Според Уставот, за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница. Одлуката треба да се донесе со најмалку 61 глас.