Неколку пати досега е отворено прашањето за зголемување на казните за неносење маски, но само тоа нема да даде ефект, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Не мислам дека само зголемувањето на казните ќе даде ефект, затоа што некогаш е многу поважно ако треба и со помала казна, меѓутоа да се почитуваат тие мерки што ги имаме со поголеми контроли. Сметам дека малку и нивото на разбирање на сериозноста на состојбата со ковид-19 ќе нè доведе уште повеќе да ги почитуваме мерките што ги предлагаат здравствените власти, а членовите на Владата ги носат одлуките со цел да ги заштитиме граѓаните, животот и здравјето“,
одговори Спасовски на прашањето дали смета дека треба да се зголемат казните за да се допре до свеста на граѓаните.
Казната за неносење маска е 20 евра, а ако се плати на самото место изнесува 10 евра. Со вчерашниот предлог на Комисијата за заразни болести маските треба да станат задолжителни и на отворено и кога човек се движи сам. Исто така, новите мерките предвидуваат и забрани за собири во домовите – максималниот број на гости во еден дом може да биде четири лица.
Спасовски денеска не сакаше да коментира како ќе се спроведува оваа одлука. Порача дека неповредливоста на домот е уставна категорија која е загарантирана, но има механизми за контрола кои постојат и сега. Меѓутоа, рече, да почекаме Владата да ги донесе одлуките, па ќе се даде одговор на сите дилеми, доколку тие постојат.