Уставното загарантирано право за неповредливост на домот останува и од тој аспект полицијата не може да делува. Единствено може само по пријава од соседите, изјави вечерва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по реакциите во јавноста на предложената мерка за забрана на семејни собири и прослави во домовите и групирање по 22 часот.
„Од Комисијата за заразни болести се нудат одредени предлози да имаме некаква рестрикција, која ќе помогне во спречување на ширењето на коронавирусот. Ваквиот предлог веројатно е базиран на податоците за случаите кои се позитивни токму од таквите групирања во домашни услови на семејни веселби. Секако дека уставно загарантираното право за неповредливост на домот останува и тука не може да делува полицијата. Меѓутоа, многу е поважно да разбереме, дека групирањето, прославите во домашни услови, претставува најголем ризик. Токму поради тоа, треба да се преземаат некакви мерки“,
изјави Спасовски вечерва за Сител.
Тој рече дека полицијата ќе постапува само ако има пријава, но со почитување на уставните начела кои ја гарантираат неповредливоста на домот, во соработка со јавното обвинителство.
Спасовски призна дека лично повеќе е за превентивни мерки, отколку за строги рестрикции.
„Поминавме низ тие рестриктивни мерки, знам дека тоа е сериозен проблем за граѓаните. Ако не сакаме да се вратат тие мерки, ќе мораме сите заедно да се посветиме максимално на повисоко ниво на свесност да си помогнеме заеднички и да се намали обемот на ширењето на заразата“,
вели Спасовски.