Спасовски вели дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија со кои трајно ќе се реши целиот овој проблем

На 14 јуни, од страна на пратениците, ќе бидат поднесени законските решенија за лицата кои се практично фантоми, невидливи за системот, изјави денеска во Штип министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој одговараше на новинарско прашање, кога ќе се реши овој проблем за околу 700 лица во земјава кои не можат да си ги остварат основните човекови права.
Спасовски истакна дека тој и раководството на МВР се на став дека треба да се донесат законски решенија со кои трајно ќе се реши целиот овој проблем.
„Министерството за внатрешни работи е вклучено во делот на експертската помош да се изготват овие законски решенија кои според информациите од институциите, пред сè од Собранието, на 14 јуни ќе бидат поднесени од страна на пратениците кои се во консултација со сите пратенички групи“,
вели Спасовски.
Според Спасовски, идејата била преку таа отворена јавна дебата сите пратенички групи да бидат вклучени и на тој начин да се затвори ова прашање.
„Тоа ќе биде добро за државата бидејќи конечно ќе се затвори еден процес и ќе бидеме една од првите држави кои практично по потпишувањето на Конвенцијата за лица без државјанство ќе го разреши целиот овој проблем“,
вели Спасовски.
За случајот со Мемет Камбер, Спасовски вели дека тој не е во групата на овие лица бидејќи е лице кое има извод и е запишано во матичната книга на родените. Според него, проблеми настанале од моментот на хоспитализацијата на Мемет.
„Притоа е пријавено со друго лице, со негови документи и при утврдувањето на ДНК практично се утврдуваат нови факти кои бараат промена во институциите веќе на извод на матичната книга на родени и следствено на тоа да се издаде и извод од матичната книга на умрените. Така што, тоа е прашањето кое што се однесува во однос на ова лице“,
вели Спасовски.