Техничкиот премиер Оливер Спасовски потврди дека Комисијата за заразни болести ѝ препорачала на Владата од утре при влез во нашата земја за сите граѓани од Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора да биде задолжително да достават ПЦР-тест не постар од 72 часа.
Спасовски вели за овој предлог во најкраток рок ќе биде донесена одлука.
„Да, денеска има таков предлог од Комисијата за заразни болести, ќе го разгледаме во најитен момент и врз основа на тоа ќе донесеме одлука“,
рече Спасовски.
Препораката на Комисијата е донесена утрово на состанокот на кој се разгледувала актуелната епидемиолошка состојба во наведените земји и согласно информациите добиени од медицинските власти во овие земји.
Претходно, како опција се споменуваше и затворање на северната граница.