Министерот за внатрешни работи вчера бил примен на болничко лекување поради висока температура, а неговата состојба сега е стабилна, како што велат од Министерството
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера е примен на Клиниката за инфективни болести во Скопје откако во понеделникот доби позитивен тест за ковид-19.
Од МВР велат дека министерот е хоспитализиран поради висока температура и дека неговата состојба сега е стабилна.
Поради влошувањето на ситуацијата со ковид-19 во земјава, денеска во претседателската вила на Водно заседаваше Советот за безбедност, каде што Спасовски е член по функција, но овој пат беше оневозможен да присуствува на седницата.
По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, министерот за здравство Венко Филипче потврди дека Спасовски е хоспитализиран.
„Неговата состојба е стабилна. Има покачена температура, ама нема одредени компликации“,
рече Филипче.
Од вчера на Инфективната клиника од компликации од ковид-19 се лекува и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.
Спасовски во понеделникот доцна вечерта објави на Фејсбук дека е позитивен на ковид-19.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера издаде само едно решение за самоизолација, по пристигната епидемиолошка анкета за лицата кои биле во контакт со министерот за внатрешни работи.