Државниот санитарен и здравствен инспекторат издал само едно решение за самоизолација, по пристигната епидемиолошка анкета спроведена за лицата кои биле во контакт со министерот за внатрешени работи Оливер Спасовски, кој пред два дена објави дека е позитивен на коронавирус.
„Од епидемиолошката анкета со министерот Спасовски, оценето е дека само за едно лице постои ризик од среден, односно од висок степен на загрозеност“,
изјави директорката на ДСЗИ Иринка Бухова – Сотирова, на прес-конференција во Владата.
Министерот Спасовски пред два дена објави дека добил позитивен тест на коронавирус. Тој е вториот владин функционер после заменик-министерот на Артан Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците Илхан Рахман, кој на 18 овој месец објави дека е позитивен.
Вчера премиерот Зоран Заев објави дека неговиот тест бил негативен, откако во два наврати беше во конткт со Спасовски пред тој да добие позитивен резултат на тестот.
Еден од тие настани беше и дигиталниот Конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата, во сала во која беа само ограничен број членови.
Вчеравечер, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска која го водеше дигиталниот конгрес на партијат во неделата, на Фејсбук објави дека е позитивна на коронавирус.
Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, според информации на „360 степени“, е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје поради компликации од ковид-19.
Од Владата нема потврда за оваа информација, додека извори од здравствените власти информираат дека Рашковски е хоспитализиран и дека здравствената состојбата му е под контрола, односно дека е „средно влошена“.