На прошталната средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се заблагодарил за, како што вели, неговиот личен ангажман и посветеност во процесот на приближување на нашата држава кон ЕУ.
„Испраќаме драг пријател на нашата држава и се надеваме дека ЕУ ќе продолжи да биде силен поддржувач во остварување на нашите стратешки определби. Ние остануваме посветени на реформската определба МВР да стане ефикасен сервис на граѓаните и на имплементирањето на европските вредности во секојдневното работење“,
порача Спасовски.
Од МВР информираа дека Жбогар му го честитал повторниот избор на Спасовски на чело на Министерството за внатрешни работи и ја изразил својата благодарност за успешната соработка во изминатите четири години.
„Од негова страна беше изразено големо задоволство што беше дел од тимот кога во нашата држава се преземаа големи реформски процеси, како што се воспоставувањето на Агенцијата за национална безбедност согласно европските стандарди и имплементацијата на новиот модел за следење на комуникациите преку воспоставувањето на Оперативно-техничката агенција“,
посочија од МВР.