Преодната Влада на Северна Македонија ги има сите овластувања да обезбеди континуитет на политиките и процесите од интерес на земјата и граѓаните, меѓу кои свое место има и продлабочување на соработката со Руската Федерација, порача денеска премиерот Оливер Спасовски на средбата со амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин.
Како што соопшти владината прес-служба, Спасовски на Баздникин му посочил дека сите отпочнати процеси на дипломатиите на двете земји, особено проектите од заемен интерес иницирани од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, ќе продолжат да се реализираат според договорените планови и динамика.
Спасовски на Баздникин му предал писмо со честитки до новоизбраниот претседател на владата на Руската Федерација, Михаил Мишустин, со желби за успех во извршувањето на должноста и позитивни резултати кои ќе придонесат за натамошен сестран напредок на Руската Федерација и за благосостојба на пријателскиот руски народ, се наведува во владиното соопштение.