„Ова е моментот кога за прв пат во историјата воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на коронавирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно“,
рече премиерот Оливер Спасовски, кој вечерва со дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски беа на неколку полициски пункта непосредно по стапувањето на сила на одлуката на Владата за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија од 21 до 6 часот наутро.
Тој им порача на граѓаните да ја почитуваат мерката и укажувањата на овластените полициски службеници, бидејќи како што рече одговорноста е на сите нас, а не само на здравството, на полицијата и на армијата.
„Колку поодговорно се однесуваме, толку поодговорно ќе се справиме со целата оваа ситуација. Во оваа прилика апелирам до секој граѓанин на одговорност, апелирам да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите. Само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот. Сите сме заедно на фронтот на битката за здравјето, за животот на граѓаните. Сакам да бидеме сплотени, единствени, да ги почитуваме одлуките на институциите, да се држиме заедно и да останеме здрави и да победиме во оваа битка“,
изјави вечерва Спасовски.