Советот за безбедност на ОН в четврток ќе одржи состанок за новиот коронавирус, првиот на кој ќе се разговара за можното влијание на пандемијата врз меѓународната безбедност.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе брифира 15 претставници на видеосостанок зад затворени врати, соопшти мисијата на Доминиканската Република, која моментно е претседавач со СБ.
Состанокот е на барање на Германија и осум други членки на Советот.
Извори за агенцијата ДПА изјавиле дека постојаните членки на Советот – САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција – веќе неколку недели планираат состанок на шефовите на држави и влади и дека свикувањето на состанокот на Советот за безбедност на ОН може да биде одложено поради тоа.
Советот беше критикуван за неуспехот за заеднички став за влијанието на пандемијата на коронавирусот врз меѓународната безбедност.
Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус се заразени 1 347 966 лица, од кои 74 793 веќе починале, а 286 490 оздравиле од болеста.
На врвот на листата на земји со најмногу случаи се САД со 367 650 лица со ковид-19 и 10 943 смртни случаи, по што следуваат Шпанија со 136 675 заразени и 13 341 починат, Италија со 132 547 заразени и 16 523 починати.