Украина сака мир и е подготвена да разговара со Русија, вклучително и за неутралниот статус во однос на НАТО, изјави денеска за „Ројтерс“ Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ако се можни разговори, тие треба да се одржат. Ако од Москва велат дека сакаат да разговараат, вклучително и за неутралниот статус, не се плашиме, можеме да разговараме и за тоа“,
изјавил преку текстуална порака Подољак за „Ројтерс“.
Украина во моментов не е дел од НАТО или Европската Унија, иако досега властите јавно декларираа дека сакаат да станат членка и на двата сојузи, додека официјална Москва жестоко се противеше на ваквите намери, а неутралниот статус и демилитаризацијата на Украина го наведуваше и меѓу своите барања непосредно пред инвазијата.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пак, денеска во брифинг со новинарите рече Москва е подготвена на разговори со Киев доколку се предадат опколените украински трупи.
Тој повтори и дека целта на Русија не е да ја окупира Украина туку да ја демилитаризира. Прашан дали желбата на Москва била да ја собори демократска земја, Лавров одговорил дека таа земја не може да се нарече демократска.
FOTO: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO