По завршувањето на седницата, од кабинетот на Претседателот информираа и дека е потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување

Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна, констатирале членовите на Советот за безбедност кој денеска попладне одржа седница во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на која се разговараше за безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина.
Една од констатациите е и да се следат состојбите и да се изготват можни сценарија во зависност од тоа како ќе се одвива ситуацијата. Исто така, констатирано е и дека има доволно стоковни резерви и енергенси.
„Членовите на Советот констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна. Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување. На седницата беше информирано дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси. Надлежните институции беа задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба“,
соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, велат оттаму, државата ги презеде неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев. Исто така, се зборувало и за санкциите кон Русија.

„Како НАТО членка, Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат од страна на сојузниците. Членовите на Советот беа информирани за активностите кои ги презема Владата, во контекст на пакетот рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се приклучи и Северна Македонија, а кои опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина. За нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата“,
велат од кабинетот на шефот на државата.
Членовите на Советот уште еднаш ги осудиле воените дејствија на Русија кон Украина.
На седницата кај Пендаровски беа присутни редовните членови на Советот: претседателот на Собранието Талат Џафери; премиерот Димитар Ковачевски; министерката за одбрана Славјанка Петровска; министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски; како и членовите именувани од претседателот: Трајан Гоцевски, Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.
На покана на Пендаровски присуствувале и Агенцијата за разузнавање, заменик-директорот на Агенцијата за национална безбедност и началникот на Генералштабот на Армијата.
Линковски се вклучиле и нашите амбасадори во НАТО, Дане Талески, и во Киев, Крум Ефремов, кои информирале за најновите случувања во Украина и за преземените активности во рамки на НАТО.