Според првичните излезни анекти, Социјалистичката партија на Рама ќе има 79 мандати или апсолутно мнозинство во албанскиот парламент, кој брои 140 пратенички места
Првите излезни анкети по затворањето на гласачките места покажуваат убедлива победа на Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама на парламентарните избори што денеска се одржаа во Албанија, пренесе Топ ченл.

Повикувајќи се излезната анкета на национално ниво, објавена од „Албанија пост“ неколку минути по затворањето на гласачките места, телевизијата пренесува дека социјалистите на Рама освоиле 51%, добиле 79 мандати, што е пет пати повеќе отколку на изборите пред четири години.
Демократската партија на Сали Бериша, според анкетите, обезбедува 54 места во албанскиот парламент со 38 отсто освоени гласови на национално ниво.
Партијата ПСД на Том Доши би можела да добие три мандати, два во Скадар и еден во Тирана, со освоени 2,2 отсто од гласовите.
Партијата Мундесија на Агрон Шехај, според анкетата, добива 3,6 отсто од гласовите на национално ниво, што ќе ѝ донесат две места во парламентот.
Движењето „Заедно“ на Арлинд Ќори е на пат да освои еден мандат во округот на главниот град на земјата, Тирана.
Љуљзим Баша може да добие и мандат во Тирана, додека Адриатик Лапај и неговата коалиција, според анкетите, нема да освојат ниту еден мандат.
Доколку излезните анкети се покажат како точни, Социјалистичката партија на Еди Рама со 79 мандати ќе има апсолутно мнозинство во албанскиот парламент, кој брои 140 пратенички места.
Инаку, единствен коалициски партнер на социјалистите на Рама е партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Денешните избори се првите парламентарни избори откако Албанија формално ги започна преговорите за пристап во Европската Унија во јули 2022 година.
Како новитет на овие избори во Албанија беше и гласањето на дијаспората. Според Државната изборна комисија, учеството на дијаспората на овие парламентарни избори била 78,03 отсто. Од вкупно 245 935 регистрирани гласачи од дијаспората, 191 912 гласачи го искористиле своето право на глас.

Новите 140 пратеници, колку што брои Законодавниот дом, по првпат се избираа по принцип на затворени листи, што значи сигурни мандати (92, по 46 на Социјалистичката и Демократската партија која отстапи дел од пратеничките места на помалите партии со кои е во изборна коалиција) и 48 на отворени листи, за кои во трка се 2046 кандидати на 11 политички партии и коалиции.