Околу средба со Таравари, Мицкоски само кусо одговори дека таа ќе се случи, без да прецизира кога

Одлична – вака премиерот Христијан Мицкоски ја оценува состојбата во владината коалиција откако деновиве е актуелна разделбата на крилото на Алијанса за Албанците (АА) на министерот за здравство Арбен Таравари со ВЛЕН, еден од владините коалициски партнери покрај ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Мицкоски денеска, на новинарски прашања околу актуелните превирања во ВЛЕН што може да имаат импликации врз владината коалиција, даваше само куси одговори.
На прашањето кога се очекува средба со Таравари, премиерот без прецизирање точен датум само рече:
„Па, ќе се случи“.
Откако Алијанса за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со сопствени советнички листи дојде до промена во составот на ВЛЕН, односно АА веќе не е дел од коалицијата.
Изминатите денови, Таравари рече дека е во постојана комуникација со премиерот и оти очекува да седнат да разговараат за несогласувањата што ги има со коалицијата ВЛЕН, а може да се рефлектираат и на неговото партиципирање во Владата.
Таравари минатата недела рече дека тие ќе излезат од владата само доколку премиерот смета дека не се потребни.
Во врска со прашањето дали министерот за здравство Арбен Таравари и неговото крило на Алијанса за Албанците ќе останат во Владата, од „Илинденска“ број 2 пред неколку дена рекоа дека премиерот Христијан Мицкоски има редовна комуникација со членовите на Владата и оти средба со лидерот на АА се очекува да има по 1 мај.
Од коалицијата ВЛЕН во вторникот соопштија дека отсега ќе дејствуваат како како еден политички субјект, под истото име и оти ја одржале првата средба на претседателството на ВЛЕН.