Геофизичарот Магнус Туми Гудмундсон за исландската национална телевизија РУВ (RÚV) изјави дека лавата која излегувала од јужната пукнатина, која била најблиску до рибарскиот град Гриндавик, од синоќа е со намален интензитет
Од ерупцијата на вулканот во рибарскиот град Гриндавик, во југозападен Исланд, се формирале две пукнатини од кои излегувала лава и од која биле зафатени најмалку три куќи кои изгореле.
Првата пукнатина била на околу 450 метри од градот. Заштитните бариери од земја и карпи ја турнале лавата од првата пукнатина подалеку од градот. Втора пукнатина потоа се отворила околу пладне на крајот од градот и била со димензии од околу 100 метри.
Геофизичарот Магнус Туми Гудмундсон за исландската национална телевизија РУВ (RÚV) изјави дека лавата која излегувала од јужната пукнатина, која била најблиску до рибарскиот град Гриндавик, од синоќа е со намален интензитет, пренесува Гардијан.
„Понатаму, ерупцијата стивна на друго место во другата, поголема пукнатина, така што значително се намали“,
рече геофизичарот.
Обраќајќи ѝ се на нацијата во живо во неделата вечерта, исландскиот претседател Гудни Јоханесон ги повика луѓето „да застанат заедно и да имаат сочувство за оние кои не можат да бидат во своите домови“. Тој рече дека се надева оти ситуацијата ќе се смири, но дека сè може да се случи, пренесува новинската агенција АФП.
Премиерката Катрин Јакобсдотир синоќа изјави дека мислите на нацијата се со жителите на Гриндавик и дека ова е црн ден за Гриндавик и за цел Исланд. Таа рече дека на погодените жители на тој исландски град ќе им бидат обезбедени станови за замена.
Исландската метеоролошка служба (ИМО) соопшти дека на некои места биле пробиени бариерите што дозволило лавата да стигне до градот, а потоа да запали куќи и згради. Сцените изгледаа надреално.
Денешните весници во Исланд со насловот „Црн ден“ пренесуваат фотографии од ерупцијата на вулканот и од куќите кои беа запалени од лавата.
Според последните информации, по ерупцијата на вулканот нема индикации за нарушување на домашните или меѓународните летови, а и летовите од блискиот аеродром се одвивале нормално.
Ова е втора вулканска ерупција на полуостровот Рејкјанес во југозападен Исланд за еден месец и петта од 2021 година. Ерупцијата од минатиот месец не го зафати градот Гриндавик иако сите жители претходно беа евакуирани.
Исланд има повеќе од 30 активни вулкани.