Локалните медиуми јавуваат дека лавата стигнала до периферијата на градот Гриндавик и ги зафатила првите куќи. По ерупцијата на вулканот, првично не било јасно од каде точно доаѓа лавата и во која насока тече
Во југозападниот дел на Исланд еруптира вулкан во близина на рибарскиот град Гриндавик. Сите жители од градот претходно беа евакуирани поради обновената вулканска активност во областа. Локалните медиуми јавуваат дека лавата стигнала до периферијата на градот и ги зафатила првите куќи. Горат најмалку две куќи.
По ерупцијата на вулканот, првично не било јасно од каде точно доаѓа лавата и во која насока тече.
Јавниот радиодифузер на Исланд емитува директен видеопренос од градот Гриндавик кој е погоден од ерупцијата.
Претседателот на Исланд, Гудни Јоханесон, уверува дека ниту еден живот не е загрозен, но дека инфраструктурата може да биде погодена поради вулканската активност.
„Градот веќе беше успешно евакуиран во текот на ноќта и нема животи во опасност“,
објави исландскиот претседател на социјалните мрежи.
Ова е втора вулканска ерупција на полуостровот Рејкјанес во југозападен Исланд за еден месец и петта од 2021 година. Ерупцијата од минатиот месец не го зафати градот Гриндавик иако сите жители претходно беа евакуирани.
Исланд има повеќе од 30 активни вулкани.