За разлика од адвокатите на Камчев, директорот на затворот „Скопје“, Филип Андов, вели дека на притвореникот му се дава соодветната терапија и секогаш кога се пожалил на нешто му се пружала грижа од домскиот лекар или се повикувала итна помош
Адвокатскиот тим на бизнисменот Орце Камчев денеска повторно реагира дека нивниот клиент, кој се наоѓа во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, е во тешка здравствена состојба и таму не може да ја прима соодветната терапија.
Во соопштение испратено до медиумите, тие велат дека во затворот нема дежурен доктор кој ќе му ја дава соодветната терапија, туку се испраќаат медицинска сестра или медицински брат да му ја проверат состојбата.
„Првично, денес во текот на утрото, г-динот Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот ‘медицински тим’ констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14:30 часот тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ Затвор Скопје, констатиран е повторно споен притисок, 90 со 70. Предложено му е да биде однесен на Клиниката за кардиологија, но тој одбил, бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во којашто се наоѓа, бидејќи и таму, секако, не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот ’медицински тим‘ оваа негова состојба во КПУ Затвор ’Скопје‘ ја третираат со сол и газирана вода“,
велат адвокатите, според кои, ваквата негова состојба е опасна и по неговиот живот.
Понатаму, правниот тим во својата реакција бара разумност кај обвинителите и судиите во носењето на одлуките и ги „потсетуваат“ дека целта на мерката ефективен притвор не е за директно да се загрози здравјето и животот на еден човек.
За разлика од адвокатите на Камчев, директорот на затворот „Скопје“, Филип Андов, вели дека на притвореникот му се дава соодветната терапија и секогаш кога се пожалил на нешто му се пружала грижа од домскиот лекар или се повикувала итна помош.
„Медицинскиот тим е професионален кој е под команда на Здравствен дом Скопје. Секојдневно, на секој кој ќе се пожали му се пружа грижа. Камчев ја зема неговата терапија нормално, според тоа што е пропишано. На секое негово пожалување за здравствената состојба му се излегло во пресрет од домскиот лекар, а ако е после 16 часот се викала и Брза помош. Нема никакви сознанија дека му е нарушена здравствената состојбата, сите контроли и тестови му се направени и параметрите се во ред“,
вели Андов.
Камчев од 14 март годинава се наоѓа во притвор кој му беше одреден како тогаш осомничен, а сега обвинет во предметот „Плацови на Водно“. Притворот му беше одреден поради опасност од бегство.