Последните информации од надлежните во Хрватска се дека тахографот на полскиот автобус бил уништен во несреќата и откако овластен техничар се обидел да извлече податоци од него, тие не можеле да се прочитаат
Единаесет лица загинаа на лице место, а дванаесеттиот почина во операционата сала. Десетици се во болници. Во шок сум, на апчиња за смирување. Животот ми е уништен, вели Јацек Антошкевич, сопственик на транспортната компанија Мегапол, чиј автобус вчера рано наутро доживеа тешка сообраќајна несреќа во Хрватска.
„Автобусот тргна во петокот во 9 часот од железничката станица Варшава-Заходнија. Во возилото имаше 44 лица, меѓу кои и двајца искусни возачи“,
објаснува Јацек Антошкевич.
Според него, автобусот бил исправен, ги поминал сите технички тестови.
„Во шок сум, возачите не се почетници и не верувам дека можеле да заспијат додека возат. Се беше организирано како што треба. Можам да дадам гаранција“,
изјави Антоншкевич.
Последните информации од надлежните во Хрватска се дека тахографот на полскиот автобус бил уништен во несреќата и откако овластен техничар се обидел да извлече податоци од него, тие не можеле да се прочитаат, пренесува Јутарњи лист.
Вчера и полското Министерство за инфраструктура соопшти дека автобусот кој излета од автопатот А4 кај Брезнички Хум во правец кон Загреб е исправен.
Произведен е во 2011 година, регистриран во Полска и ги поминал сите проверки што ги бара законот. Техничкиот преглед е извршен во јуни годинава.
Директорот на Општата болница во Вараждин, Дамир Пољак, на прес конференција информираше за состојбата на примените пациенти.
„Вчера во текот на денот примивме 11 пациенти. Во вечерните часови четворица пациенти беа пуштени. Од преостанатите седум хоспитализирани пациенти, четворица се на одделот за интензивна нега, од кои двајца се во критична состојба, а еден пациент од одделението за интензивна нега е префрлен на оддел за траума“,
додаде Пољак.
Несреќата што се случи вчера наутро на автопатот Горичан – Загреб во правец на Загреб кај градот Брезница ја истражувал заменикот на вараждинскиот жупански државен правобранител заедно со полициски службеници од Вараждинската полиција.
Според досега собраните податоци, сообраќајната несреќа се случила кога возачот на автобусот регистриран во Полска изгубил контрола над возилото, кое свртело надесно, ја пробило заштитната ограда и слетало надвор од автопатот.
За утврдување на начинот и причината за сообраќајната незгода, државното правобранителство нареди обдукција на починатите лица, вештачење за присуство на алкохол кај возачот на автобусот и спроведување на други потребни истраги и доказни дејствија.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ истакна дека истрагата на местото на несреќата е завршена.
„Автобусот е однесен на обезбеден паркинг. Што се однесува до предметите на патниците, тие се чуваат во просториите на полициската управа Вараждин. Тие предмети ќе им бидат доделени на луѓето по барање од официјални институции“,
рече тој.
Во тешката сообраќајна несреќа животот го загубија 12 лица, 19 се тешко повредени, а 13 полесно.