Условната казна за сообраќајката со смртни последици, која го привлече вниманието на јавноста, сериозно го отвори прашањето за одмерување на казните во вакви случаи и за него треба да се изјасни и Врховниот суд, а можеби ќе бидат потребни и законски измени, е една од констатациите на Судскиот совет
Судскиот совет, најверојатно, ќе почека Апелацискиот суд во Скопје да се изјасни за случајот со условната казна за сообраќајката кај „Млечниот ресторан“ во Скопје во октомври 2018, па потоа ќе седне и ќе расправа за овој предмет.
За да не се влијае и да не се прејудицира одлуката на второстепениот суд, членовите на Судскиот совет денеска ќе гласаат дали да ја затворат претставката која стигна до нив за одговорност на судијката или да ја остават отворена додека за пресудата не одлучи и второстепениот суд. Во секој случај, ќе го следат овој предмет. Меѓутоа, условната казна за сообраќајката со смртни последици, која го привлече вниманието на јавноста, сериозно го отвори прашањето за одмерување на казните во вакви случаи и за него треба да се изјасни и Врховниот суд, а можеби ќе бидат потребни и законски измени.
Ова беше констатирано на денешната седница на Судскиот совет на чиј дневен ред како прва точка се разгледуваше претставката што ја поднесе оштетената Наташа Димитриевска, која во оваа сообраќајка кај „Млечен“ ги загуби сопругот Гоце и плодот, а самата заврши со тешки повреди.

До сообраќајката во 2018 дојде откако на булеварот „Теодосиј Гологанов“ во Скопје возач на џип „ситроен“, Васил Чорбаџиев, по сторен сообраќаен прекршок (поминувајќи преку двојка полна лента) удри во младиот брачен пар кој се возел на мотор. Тој беше обвинет за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за што на судското рочиште призна вина.

Димитриевска лично присуствуваше на седницата, откако на 7 септември годинава ја поднесе претставката во која во неколку точки наведе зошто смета дека судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ не била професионална.
„Граѓаните се незадоволни, Врховен мора да расправа за ваквите случаи“

Членката на Судскиот совет, Лорета Ѓорѓиева, која го работела овој предмет, образложувајќи го предметот на седницата, рече дека судијката во постапувањето по предметот каде што возачот на џипот призна вина формално не го прекршила Кривичниот законик во однос на условите што се предвидени за условна казна. Но, како што беше потенцирано во дискусијата, тука е и прашањето од кои причини таа сметала дека треба да се досуди ваквата казна наспроти опцијата за изрекување пресуда со издржување активен затвор.
Овој предмет, рече претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, предизвикал и лично до нив и во јавноста да пристигнат реакции и за други вакви случаи кои имале ист исход и поради тоа за ова треба да расправа Врховниот суд.
Здравев посочи дека и писмено и усно побарал од Врховниот суд, кој има надлежност, да расправа за изедначување на судската пракса во одмерувањето на казните, како и за тоа дали е потребно заострување на казнената политика.
„Врховен мора да расправа за ова прашање, луѓето не се задоволни од ваквите одлуки и треба да постапи по барањето“,
рече Здравев.

Оштетената Димитриевска и лично зема збор на седницата на Судскиот совет и една од забелешките што ги даде е како судијката го ценела признанието на вина и каењето, кое нагласи дека е дадено пред судот, а не кон оштетените.
За ова прашање што го начна Димитриевска имаше и дискусија меѓу членовите на Советот, а претседателот Киро Здравев порача дека не може секогаш признанието на вина да го спаси од одговорност обвинетиот, бидејќи од друга страна тука се и оштетените.
Дискусијата тие ја завршија со порака дека ќе го следат овој случај и ќе почекаат Апелација да се изјасни за конкретната пресуда.
Што одговорила судијката?

По добиената претставка, Судскиот совет побарал одговор и од судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ во Основниот кривичен суд во Скопје, кој во кратки црти беше пренесен на денешната седница. Таа одговорила дека смета оти наводите против неа се неосновани и потенцирала дека постапила во законските рамки. Секогаш, според судијката, една од странките е незадоволна од одлуката и потенцирала дека за пресудата има опција за жалба до Апелацискиот суд.
Исто така, Илиевска-Јосифовиќ посочила и дека ако некоја од странките се сомневала и не била задоволна од нејзиното постапување можела да бара нејзино изземање, но такво нешто на судењето не се случило.
Претставка и за обвинителството
Освен до Судскиот совет, оштетената Наташа Димитриевска поднесе претставка и до Советот на јавни обвинители за работата на обвинителката во предметот. Обвини дека самата постапка се водела предолго и не е направена соодветна квалификацијата на делото, односно обвинителката навела дека тоа е сторено од небрежност. Дополнително, како што вели, таа не повела постапка против обвинетиот Васил Чорбаџиев за неукажување помош при сообраќајна незгода, а во обвинението не било запишано ниту дека во сообраќајката таа го изгубила плодот.
Претставката за обвинителката, Димитриевска ја поднесе на 10 септември, а како што ни кажа денеска, сè уште нема добиено одговор.
По пресудата и по реакциите во јавноста, обвинителството на 18 септември објави соопштение дека поднело жалба до Апелација и бара затворска наместо условна казна.
Случајот „Млечен“ ја отворија Пандорината кутија
Јавните настапи на оштетената Наташа Димитриевска по пресудата отворија Пандорина кутија, кога се во прашање пресудите за сообраќајните незгоди со смртни последици. Како што покажа истражувањето на „360 степени“, мотивирано од пресудата, сличен епилог како кај „Млечен“ има во многу други пресуди. Највисоката изречена казна затвор што ја најдовме беше 1 година затвор за возач на камион кој прегазил и усмртил 11-годишно девојче на пешачки премин.
Реакциите во јавноста и медиумскиот притисок отворија и стручна дебата, но и размислувања кај извршната власт. Новиот министер за правда Бојан Маричиќ во емисијата „360 степени“ на 11 септември 2020 најави дека неговиот ресор ќе направи анализа – дали треба да се смени законот во делот на казните за сторителите на вакви кривични дела или, пак, судската пракса.