Обвинителството ја смени „лентата“ за признавањето вина во случајот „Млечен“, откако виновникот доби условна казна, иако усмрти 32-годишен маж, а неговата сопруга го загуби плодот и имаше тешки повреди. На судењето, обвинителката високо го ценеше признавањето вина на обвинетиот, а сега тоа не е доволно
Основното јавно обвинителство-Скопје денеска вложило жалба до Апелацискиот суд за првостепената пресуда за сообраќајката кај „Млечен“, според која виновникот за смртта на 32-годишниот маж и тешките повреди на неговата сопруга доби условна казна.
Причината за жалбата, велат од Обвинителството, е ниската казна.
„Обвинителството ја вложи жалбата незадоволно од одлуката за кривичната санкција. Притоа, надлежниот јавен обвинител оцени дека при одредувањето на санкцијата првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежнителните околности, што казната основно и објективно ја прави блага и неадекватна во конкретниот случај“
велат од ОЈО Скопје.
Но, она што ја прави оваа жалба исклучително интересна е што ставовите во неа се речиси во директна контрадикција со ставот на обвинителката за време на судењето.
Кое обвинителство ја говори вистината?
Според пресудата, предметната обвинителка на судењето на 2 септември, во завршните зборови пред изрекувањето на првостепената пресуда, високо го ценела фактот што обвинетиот признал вина и покажал каење.
„Јавниот обвинител во завршен збор наведе дека обвинителството ги цени искрената изјава, волјата и моралниот кредибилитет на обвинетиот по однос на вината за кривичното дело кое го прифаќа во целост, со сите конститутивни обележја да се изјасни со признание и да изрази жалење и каење за сообраќајната незгода и последиците што произлегле од неа. Го истакна фактот дека станува збор за лице што досега не дошло во судир со законот, дека постојат и одредени здравствени проблеми кои ги потврдил со приложена медицинска документација, неговото каење, фактот дека се работи за небрежно кривично дело“,
се вели во делот на пресудата каде што се пренесува завршниот збор на обвинителот.
Токму ваквиот став на обвинителката, веројатно, одиграл улога и кај судијката кога ја одмерувала висината на казната.
Сега, во жалбата, ОЈО Скопје презентира различен став. Вели дека признанието на вина не е доволно „олеснителен“ елемент, а каењето требало да се подразбира, па вината за ниската казна се префрла кај судијката.
„Јавниот обвинител смета дека признанието на вина во услови кога обвинетиот несомнено е свесен за доказите против него и за извесноста да се соочи со санкции, само по себе, не треба да претставува цел на привилегирање на сторителот, особено кога се работи за кривично дело со несомнено тешки последици… Изразеното сочувство и каење на обвинетиот по несреќата, изразени на главната расправа и преку писма до оштетената, за Судот претставуваат исто така олеснителна околност, но според јавниот обвинител, тие претставуваат нужен морален чин и граѓанска одговорност. Истовремено, отежнителните околности во пресудата се наведени без соодветна елаборација на правните аргументи, што довело до благ казнено-правен третман и објективно неосновано изречена кривична санкција“,
велат денеска од ОЈО Скопје.
Улична и судска правда
Ваквиот „пресврт“ во ставот на правосудните органи кон признанието на вина во случај на сообраќајни незгоди со смртни последици е несомнено предизвикан од храброста на Наташа Димитриевска. Младата жена, која и самата е жртва на сообраќајката кај „Млечен“, реши да проговори јавно за она што го смета за неправда, но и ги користи сите правни механизми за жалби до надлежните институции.
За жал, случајот на Гоце и Наташа Димитриевски не е единствен. „360 степени“ истражуваше поголем број пресуди за сообраќајни незгоди во кои има жртви и откривме дека виновниците ретко одат зад решетки. А и тогаш кога ќе се досуди затвор, казните се до една година, макар и бил згазен пешак што правилно минувал на пешачки премин.
Случајот, новинарските текстови и реакциите во јавноста допреа и до Министерството за правда. Новиот шеф на владиниот ресор, Бојан Маричиќ, најави дека пресудата за Димитриевски е причина за анализа од која треба да се донесе заклучок – дали треба да се смени законот или судската пракса.