Предлагаат наставата да почне онлајн, а потоа да се согледа ситуацијата и доколку епидемиолошката состојба оди во надолна линија, тогаш да се направи проценка дали постојат услови за физичко присуство на наставата
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара преиспитување на одлуката наставата во второто полугодие да почне со физичко присуство.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков во изјава за МИА вели дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од ковид-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири. Предлага наставата да почне онлајн, а потоа да се согледа ситуацијата и доколку епидемиолошката состојба оди во надолна линија, тогаш да се направи проценка дали постојат услови за физичко присуство на наставата.
„Бараме преиспотување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство“,
вели Неделков.
И ВМРО-ДПМНЕ бара од Владата, МОН и Комисијата за заразни болести да ја преиспитаат одлуката за почеток на наставата во второто полугодие со физичко присуство и предлага таа две недели да се одвива онлајн за учениците од четврто до деветто одделение, со следење на епидемиолошката состојба во земјата и во училиштата.
„За најмладите ученици предлагаме физичко присуство, за да се избегнат дополнителни мерки, кои се неопходни за чување на децата (ослободување на родител од работни обврски), а кои влијаат на економијата на државата“, велат ВМРО-ДПМНЕ.
Д-р Весна Јаневска на својот Фејсбук профил сподели изјава во име на партијата дека бројките на заразени со ковид-19 се високи, а високи се и потребите од болничко лекување, дека медиумите објавија оти ќе треба повторно отворање на ковид-центрите (според изјавите на стручњаците) и дека детските оддели се преполни и Систина планира отворање на детски ковид-центар.
Владата вчера по препорака на Комисијата за заразни болести одлучи учениците на 1 февруари да го почнат второто полугодие со физичко присуство. Претходно, зимскиот распуст беше продолжен до 1 февруари.