Портокаловото ниво на опасност ќе биде активно во текот на целата недела, поради што треба да се почитуваат мерките за заштита од многу топлото време
Сончево и многу топло време не очекува денеска, со мала до умерена локална облачност во попладневните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени. УВ-индексот ќе има вредност 10.
Во Скопје ќе биде сончево и многу топло. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне 41 степен.
Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе се задржи слично, многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе надминува 40 степени, поради што до крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури.
УХМР соопшти дека се очекува во петок во попладневните часови да има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневната температура да биде во постепено опаѓање.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во овие екстремно топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.
Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години до четврток да бидат ослободени од работа.
На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на градинките да не се изнесуваат децата надвор во тој период од денот.