Претседателот Џо Бајден е информиран за движењето на балонот и побара од Пентагон да наведе какви опции се достапни во овој случај, рече друг висок претставник на американската администрација
Пентагон следи наводен кинески шпионски балон кој лета на голема височина над континенталниот дел на Соединетите Американски Држави, јавуваат американските медиуми.
Пентагон го следеше балонот неколку дена додека минуваше над северниот дел на САД, изјави портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер.
„Уверени сме дека овој балон за надгледување на голема височина ѝ припаѓа на Кина. Примери за ваков вид активност се забележани во текот на изминатите неколку години, вклучително и за време на претходната администрација“,
изјави висок претставник на одбраната.
Chinese spy balloon over Montana, the United States.
— The Spectator Index (@spectatorindex) February 2, 2023
(Source: KSVI-TV) pic.twitter.com/bCI9ODxYDB
Се проценува дека балонот може да собере одредени разузнавачки податоци.
„Балонот моментално патува на височина далеку над комерцијалниот воздушен сообраќај и не претставува воена или физичка закана за луѓето на земјата“,
рече Рајдер и додаде дека американската војска одлучила засега да не го соборува балонот, наводно поради загриженост дека тоа би можело да ја загрози безбедноста.
Претседателот Џо Бајден е информиран за движењето на балонот и побара од Пентагон да наведе какви опции се достапни во овој случај, рече друг висок претставник на американската администрација.
Балонот прелета над Алеутските Острови во Алјаска и над Канада пред да се појави над градот Билингс во средата, соопштија официјални лица. Монтана е дом на подземни силоси за интерконтинентални балистички ракети „Минутеман III“, кои, според Си-ен-ен се потенцијалните цели на кинеската шпионажа.
Висок претставник на одбраната рече дека САД го покренале прашањето за балонот што лета над САД во контакти со кинеската амбасада во Вашингтон и со Пекинг.