По дискусијата, на колегиум донесовме одлука дека во целата ситуација, штом имаме такви сомнежи, редно е да се испита тоа за да знаеме каква е состојбата, вели новиот претседател на Судскиот совет

Членови на Судскиот совет се сомневаат дека некој им влегувал по канцелариите, а полицијата за да ги расчисти сомнежите ги прегледувала снимките од безбедносните камери.
Новиот претседател на судскиот совет Сашко Георгиев денеска во изјава за медиумите посочи дека на колегиум одлучиле да се расчистат сомнежите кои, како што вели тој, се нечии индивидуални видувања.
„На работен колегиум дискутиравме во врска со тоа дека имало индивидуални видувања на некои од колегите во врска со некакви сомнежи за влегување во канцеларија или слично, тоа се нивни лични видувања. По дискусијата, на колегиум донесовме одлука дека во целата ситуација, штом имаме такви сомнежи, редно е да се испита тоа за да знаеме каква е состојбата“,
рече Георгиев.
Тој зборуваше во множина, а на дополнително прашање дали тоа значи дека повеќе членови имаат такви сомнежи, претседателот не даде прецизен одговор.
„Па, добро сега, видете, тоа е сепак работен колегиум, дали еден или повеќе… Доволно е некогаш и еден за да ги отстраниме таквите сомнежи“,
рече Георгиев.
Засега не се соопштуваат детали дали се потврдени сомнежите и што е откриено од полициската проверка.