Државата мора да размисли за навремена помош за приватниот сектор за справување со штетните последици од мерките за превенција од коронавирусот, апелираат од Сојузот на стопански комори. Според претседателката на Сојузот, Данела Арсовска, кај компаниите постои расположение да се почитуваат мерките што ги донесе Владата, но неопходна е поддршка од институциите за намалување на негативните последици врз економијата.
„Никој не сака вработените да се разболат или нивните децата да останат незгрижени. Меѓутоа, мора да се размисли и околу тоа дали и колку ќе можат компаниите да го издржат притисок кој доаѓа од различни страни. Верувам дека институциите ќе реагираат навремено и дека ќе преземат мерки по примерот на САД, Германија, Словенија за да се намалат штетните последици по економијата бидејќи тоа негативно ќе влијае на целото општество. Во останатите држави се изготвени предлози за финансиска помош за одржување на ликвидноста на компаниите што се најтешко погодени од влијанието на појавата, кои се добар пример за помош“,
истакнува Арсовска.
Според Арсовска, на приватниот сектор може да му се помогне на различни начини, преку одвојување средства во Буџетот, привремено ослободување или одложување на плаќањата на даночните обврски или преку поволни кредитни линии и можности за репрограмирање на обврските кои би ги овозможиле институциите и банките.
„Не треба да се дозволи компаниите да не можат да ги остварат планираните активности особено оние кои имаат производни процеси поврзани со извоз во земји кои ни се традиционални трговски партнери“,
потенцира Арсовска.
Со засилените мерки за превенција од коронавирусот што вчера ги донесе Владата, а со кои привремено се затворија училиштата, градинките и факултетите, меѓудругото се воведе и можноста по еден родител на дете до 10 годишна возраст да добие платено отсуство од работното место за да остане дома со своето дете. Дополнително се забрани извоз на медицинска опрема, медицински средства и материјали од економски оператори од земјава, освен со посебна дозвола од Министерството за здравство.
Надлежните апелираа доколку некој не ги почитува мерките да пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31.
*Поврзани вести:
Манчевски за ТВ24: Родителот кој нема да оди на работа, да обезбеди потврда од училиштето на детето
МТСП: Родители на деца со попреченост да извадат потврди од дневните центри за да не одат на работа
Од утре во Македонија се затвораат сите градинки, училишта и факултети поради коронавирусот