Зејнула е претседател на Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ). На почетокот на јули годинава тој потпиша договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена до претседателот на Собранието го доставил предлогот за избор на Зулфиќар Зејнула за министер без ресор. Предлогот е доставен до пратениците, а по него ќе се расправа на утрешната собраниска седница, чиј почеток е закажан во 11 часот.

Зулфиќар Зејнула е претседател на Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ). На почетокот на јули годинава тој потпиша договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Двајцата оценија дека партнерството е значаен чекор кон зацврстување на политичката стабилност и усогласување на програмските определби на Владата.
Со изборот на Зулфиќар Зејнула за министер без ресор ќе се заокружи владината реконструкција, во рамки на која претходно овој месец Собранието избра осум нови министри.
Со предлогот за избор на Зејнула за министер без ресор, до пратениците доставена е и неговата биографија.
Тој е дипломиран криминолог, а освен мајчиниот турски, има познавања и од македонски, албански, германски и српски јазик. Во делот на работното искуство, наведено е дека тој во периодот од 2021 до 2024 година бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Претходно, од 2018 до 2021 година, бил советник во Општина Гостивар, а од 2017 до 2021 паралелно работел во правниот сектор во Демократската партија на Турците на Македонија. Од 2010 до 2012 година работел во „Хабиб транс“.
