Точно напладне е закажана седницата за распуштање на парламентот. Еден час претходно, пак, пратениците треба да гласаат за законот за јавно обвинителство, законот за Советот на јавни обвинители и законот за одбрана, за кои седниците се закажани во 11 часот.
Владејачкото мнозинство, според партиски извори, е многу блиску до обезбедување на потребните 80 гласа за донесување на законот за јавно обвинителство, а поддршка има и за законот за одбрана.
Изминативе денови за овие законски решенија се водеше долга дебата со партиски препукувања, а дополнителна тензија предизвика и разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема одговор дали ќе предложат нејзин наследник, постапка што ќе треба да се заврши денеска, пред распуштање на парламентот. Ако не биде избран друг министер, со Министерството за труд и социјална политика ќе раководи дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која е предлог на СДСМ.
Последна седница на овој парламентарен состав треба да биде со една точка на дневниот ред – предлогот на спикерот Талат Џафери за распуштање на Собранието, со цел одржување избори на 12 април, во согласност со политичкиот договор од октомври.
Поврзани вести: Распуштањето зависи од гласањето за ЈО