Сличен додаток се исплаќаше и во изминатите години, но законските решенија што го регулираа имаа ограничен рок на важност и периодично се продолжуваа
Собранието на денешната седница го донесе Законот за младински додаток со кој се предвидува директна финансиска поддршка за дел од младите работници. Новото законско решение предвидува младите лица до 23 години, вработени во производствените дејности, да добиваат младински додаток во износ од 3 000 денари.

Пратениците го поддржаа и Законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски зелени зони. Со измените се врши усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), при што се менуваат одредени термини во постојниот закон согласно новите законски решенија.
На седницата беше донесена и одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународната операција на Европската Унија, АЛТЕА, во Босна и Херцеговина.
Собранието усвои и заклучоци со кои оцени дека нема потреба од автентично толкување на повеќе законски одредби. Меѓу нив се барањата за автентично толкување на членови од Законот за данок на личен доход, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, како и одредби од Законот за државните службеници и Законот за административните службеници, поврзани со кариерниот напредок на државните службеници.
