„Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: За да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор“, велат за „360 степени’ од Кабинетот на Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски до петок, кога истекува десетдневниот рок, ќе го додели мандатот за составување на нова влада.
Од неговиот Кабинет за „360 степени“ соопштија дека со конституирањето на Собранието на 4 август течат уставните рокови за доделување на мандатот.
Ставот од Кабинетот на Пендаровски е во врска со изјавите на досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери кој во неколку наврати истакна дека Парламентот не е конституиран се додека не се избере негов претседател.
„Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: За да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции“,
велат од Кабинетот на претседателот на државата.
Во прилог од Кабинетот на Пендаровски ни ги испратија известувањата од претходниците на Џафери, Стојан Андов (од 2006) и Трајко Вељаноски (2016) со кои тие го информираат претседателот на државата дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите и тече рокот за доделување мандат за составување влада.


За Џафери пак неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен, изјави тој вчера за ТВ 21.
Вчера, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 рече дека очекува мандатот до петок да му биде доделен на Зоран Заев, притоа обвинувајќи ги ДУИ дека преку екстремни изјави ја креваат црвената линија во преговорите за владина коалиција, алудирајќи на инистирњето за пример Албанец, што според Трајанов е флоскула која не е прифатлива за неговата партија која е дел од коалицијата на СДСМ „Можеме“.
Од СДСМ и вчера и денеска само кусо коментираат дека разговорите за владина коалиција се во тек и дека во интерес на разговорите не откриваат детали. За нив, мандатар е Зоран Заев.