Потпретседателот на парламентот, Горан Мисовски, ќе ја предводи собраниската делегација на Мечкин камен во Крушево по повод Денот на Републиката – 2 август, бидејќи Талат Џафери мора да одмора, велат од Собранието.
„Претседателот Талат Џафери, е во добра здравствена состојба, но по препорака на лекарите неопходен му е дополнителен одмор и мирување“,
се огласија утрово од законодавниот дом.
Информацијата вчера за „360 степени“ ја потврди и Мисовски. Мисовски рече дека разговарал телефонски со Џафери, за да се договорат за учеството на манифестацијата во Крушево, но очекува досегашниот спикер да се појави на работното место во вторник, на 4 август, и да ја отвори конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав.
Џафери решението за свикување на седницата го потпиша во средата.
Тој е сместен на Инфективната клиника од 24 јули. Беше примен со повеќе симптоми кои укажувале на присуство на вирусот, а имал и пневмонија, но досегашните тестови, според информациите од неговиот кабинет, се со негативен резултат.