Нервозата кај демаскираниот Талат Џафери расте, а со затворањето на пратениците стори кривично дело за кое се лежи затвор, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со вчерашните тензии во Собранието и додаваат дека согласно Кривичниот законик, ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години
Вчера Талат Џафери противправно ја лиши целата пратеничка група од слобода и го спречи нивното слободно движење, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера по 22 часот собранискиот спикер Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници
Нервозата кај демаскираниот Талат Џафери расте, додаваат од партијата, а со затворањето на пратениците стори кривично дело за кое се лежи затвор.
„Џафери ги затвори вратите во Собранието и практично ги држеше пратениците како заложници. Тој со ова свое дејствие стори кривично дело од чл. 140 ст. 3 и 4 од Кривичниот законик, од кои ст. 3 гласи дека и обидот се казнува. Додека ст. 4 вели дека ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“,
стои во реакцијата на партијата за вчерашните тензии во собраниската сала.
Ова, како што додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, е трета тешка злоупотреба на позицијата на Талат Џафери.
„Дали Ковачевски и ова ќе го изрелативизира, па ќе слушаме изговори од типот – ‘вратите сами се заклучија’“,
додаваат оттаму.
Од партијата додаваат оти останувањето на премиерот Димитар Ковачевски на власт по секоја цена, како што велат, ќе им дава право на Талат Џафери и на ДУИ уште повеќе да ги кршат законите и да не одговараат, зашто само од нивната добра волја опстојува Владата.
Вчера тензична атмосфера завладеа во собраниската сала каде што се одржуваат пленарните седници, кога по 22 часот, претседателот Талат Џафери нареди да се заклучи вратата на собраниската сала за да можат службите да ги пребројат присутните пратеници.
По ова, пратениците од опозицијата се собраа пред претседателот на Собранието и бурно реагираа. Тој бараше од нив да направат список на пријавени за збор по 15. точка – Дополнет предлог на закон за спречување перење пари и финансирање тероризам.