И Царовска објави дека, по повлекувањето на партискиот лидер, престанува мандатот на целото раководство
Владејачката партија наскоро би требало да организира вонредни непосредни избори за наследник на Заев, откако тој ќе ја официјализира оставката на седница на Централниот одбор
Мила Царовска, министерката за образование и наука и потпретседателка на СДСМ, потврди попладнево дека со оставката на партискиот лидер Зоран Заев престанува мандатот на целото раководство.
„Со оставката на претседателот Зоран Заев, престанува и мандатот на целото раководство. Му благодарам за укажаната доверба и можност да дадам придонес во градењето општество за сите. Останувам целосно посветена на борбата за социјалдемократските вредности“,
напиша напиша на Фејсбук Царовска, кој во мај годинава по вторпат беше избрана за потпретседателка на СДСМ.
Царовска првпат беше избрана за потпретседателка на СДСМ по претседателските избори во 2019 година, откако Заев најави покрупни кадровски промени во СДСМ и во тогашната извршна власт.
Нејзиниот втор потпретседателски мандат, пак, траеше едвај половина година, исто како и на другите тројца потпретседатели избрани по конгресот во мај годинава. Тогаш освен Царовска, потпретседателската позиција во партијата ја задржа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, додека за нови потпретседатели беа именувани вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за здравство ВенкоФилипче, кои издржаа едвај една осмина од мандатот.
На изборниот конгрес во мај, кој се одржа по внатрепартиските избори два месеци претходно и по реизборот на Заев за лидер, освен новата заменик-претседателка (Сања Лукаревска), беа иџзбрани и новите Централен и Надзорен одбор на СДСМ, Потоа, Централниот одбор, по предлог на Заев , ги избра и новиот состав на Извршниот одбор, како и новите секретари и потпретседатели на партијата.
Денеска, оставка од партиската функција поднесе и старо-новиот претседател на Надзорниот одбор на СДСМ, Горан Сугарески, кој претходно ја изгуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ битката за градоначалник на Прилеп, во првиот круг.
Раководството на СДСМ, на денешниот состанок, како што беше соопштено, ги утврдило следните чекори, по оставката на Заев, за што, како што е најавено, ќе има информација следната недела. Од партијата појаснуваат и дека со оставката на Заев во оставка е и целото раководство на СДСМ.
Со оглед на тоа што новиот Статут на СДСМ предвидува внатрепартиски избори за лидер на партијата, владејачката партија наскоро би требало да организира вонредни непосредни избори за наследник на Заев, откако тој ќе ја официјализира оставката на седница на Централниот одбор. Според Статутот, вонредни избори се распишуваат во рок од 15 дена од престанокот на функцијата на претседателот, кога се одредува и датумот за нивно одржување.