Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа централно одбележување на Рождеството Христово – Божик, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан одржа архиерејска литургија на Св. Василиј Велики.

Г.г. Стефан упати порака дека ни е потребно духовно и национално единство за да опстоиме како Црква и како народ.
„Со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет. Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила ‘голема и непремостлива провалија’, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: ’Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа’,“
порача г.г. Стефан за време на литургијата.
Покрај бројните верници, на централната литургија присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои испратија пораки за мир, здравје и љубов.

Во пресрет на празникот, што денеска го слават православните христијани во земјава, имаше божикни литургии и во другите храмови.
Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на божикната служба во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, со којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј.