Машински инженер, полицаец, правник и НВО-менаџер ни ја објаснуваат хиперхлорацијата, чистењето на цевководите, епидемијата на жолтица и квалитетот на водата за пиење. Ова е лицето на оваа Влада. Експерти за сè, велат од СДСМ

СДСМ реагира што гостиварци се четврта недела без пивка вода. Оттаму велат дека досега надлежен орган не образложил каква е реалната состојба со водата.
„Повеќе од четири недели Гостивар е без чиста вода. Повеќе од 4 700 граѓани завршиле во болница. Епидемија на жолтица. И до денес – ниту едно стручно лице од надлежна институција не излезе пред јавноста да каже каква е реалната состојба со водата. Ниту еден официјален документ. Ниту една потпишана експертска проценка“,
се вели во реакцијата од партијата.
Оттаму обвинуваат дека државата сè уште нема капацитет да издаде еден единствен стручен наод.
Клековски – НВО менаџер
„Христијан Мицкоски – машински инженер, Панче Тошковски – правник , Стојанче Ангелов – полицаец/специјалец. Машински инженер, полицаец, правник и НВО-менаџер ни ја објаснуваат хиперхлорацијата, чистењето на цевководите, епидемијата на жолтица и квалитетот на водата за пиење. Ова е лицето на оваа Влада. Експерти за сè. Кога треба да се превземе одговорност – нема експерт, нема институција, нема потпис“,
велат од СДСМ.
Вчера, директорот на Дирекцијаза за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кажа дека квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, таа сè уште не смее да се пие.
Претходно, министерот за здравство Сашо Клековски во телевизиско интервју неделава кажа дека анализата на водата за пиење во Гостивар ќе биде објавена до 20 август.
Засега, насоките од Управувачкиот комитет, со кој раководи министерот за внатрешни Панче Тошковски, се дека водата во Гостивар може да се користи само како техничка.
