Со геодетскиот елаборат ќе се утврди дали концесиското поле навлегува во зоната на плавење на реката Пчиња и дали со ископот е навлезено под котата на подземните води.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ангажирал овластена геодетска фирма и, по неколку неуспешни обиди изминатиот месец, конечно направил теренски мерења на локацијата во скопско Средно Коњари, каде што со години се врши ископ на песок и чакал. Проверките доаѓаат откако Инспекторатот доби првични податоци од Управата за хидрометеоролошки работи дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња. Инспекторатот најавува дека ќе се прави нов елаборат.
„За потребите на овој елаборат, геодетската компанија на 9 февруари изврши теренски мерења. Тие се реализираа во присуство на државен инспектор за водостопанство и државен инспектор за техничка инспекција и со асистенција на припадници на полицијата, бидејќи претходните обиди за спроведување на мерењата беа спречени од страна на концесионерот“,
соопштија од ДИЖС.
Со геодетскиот елаборат ќе се утврди дали концесиското поле навлегува во зоната на плавење на реката Пчиња и дали со ископот е навлезено под котата на подземните води.
„Овластената геодетска компанија за анализите ќе користи официјални податоци од Управата за хидрометеоролошки работи и Геолошкиот завод. Доколку влезните податоци бидат обезбедени навреме, елаборатот треба да биде изготвен за најмногу две недели. Потоа наодите ќе се достават до Министерството за економија и до Министерството за животна средина и просторно планирање за натамошно постапување“,
велат од ДИЖС.
Минатиот месец спорната локација, каде што непосредно до реката Пчиња се врши ископ, ја посетија директорката на ДИЖС, Ана Петровска, министерот за животна средина Насер Нуредини, како и вицепремиерот Љупчо Николовски. Тогаш беа соопштени првите наоди на УХМР. Освен тоа, Петровска кажа дека е утврдена и недоследност при доделувањето на дозволата за експлоатација во 2019 година. Дадена е според Правилник за формата и содржината на елаборати од 2009 година, иако нов таков документ е донесен во 2014.
Случајот на површински ископ на песок и чакал меѓу селата Долно и Средно Коњари во Општина Петровец е во фокусот на медиумите, особено поради сплотеноста и жестоките реакции на локалното население кое се противи на тоа. Жителите со години испраќаат дописи до надлежните институции и масовно протестираат со барање да се укине концесијата, зашто стравуваат од поплави и загадување на подземните води. Бараа власта на највисоко ниво да се вклучи во одбрана на природните ресурси.
Концесијата ја има фирмата „Еуро прогрес“, чиј управител Ќазим Османовиќ по секое обвинување на жителите тврдеше дека во денешно време ниту дете не може да поткупите да молчи ако се работи незаконски и најави дека ќе бара институционална заштита од соселаните. Но, соселаните не му се плашат. Овде се организираа протести и во екот на пандемијата.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска уште во декември ненајавено ја посети локацијата и на самото место констатира дека загриженоста на локалните жители е оправдана и посочи низа нерегуларности во работењето на концесионерот.