Маричиќ најави дека одговорот денеска ќе биде испратен до Европскиот суд, а во него има доказен материјал од илјадници страници
Одговор на повеќе од 60 страници и доказен материјал од илјадници страници, ќе биде испратен во текот на денот до Европскиот суд за човекови права во Стразбур во врска со колективната аболиција за снимките од прислушуваните разговор што ја даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
За ова денеска информираше министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање дали и каков одговор испратила државата до Судот во Стразбур во врска со помилувањата на експретседателот.
По поднесување на одговорот, посочи Маричиќ, Судот предвидува тој да биде испратен на другата страна, за да се произнесе по него, по што ние ќе имаме можност за повторно да се произнесеме пред судот да постапува по него.
„Во овој момент не би кажал ништо повеќе. Навистина интензивно се работеше на подготовка на овој одговор, со сериозен стручен правен тим со експерти од дома и од странство, кои мислам дека го извлекоа максимумот и можам да кажам дека со мирна совест го проследуваме одговорот денеска“,
изјави Маричиќ
Есента минатата година, на веб-страницата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур беа објавени имиња на поранешни функционери, кои ја тужат државата и се повикуваат на аболицијата што во април 2016 ја даде бившиот претседател Ѓорге Иванов. Меѓу оние кои ја тужат државата се бившиот премиер Никола Груевски, ексминистерката Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешните градоначалници на Гази Баба и Битола, Тони Трајковски и Владимир Талевски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, како и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Сите тие се обвинети во предметите на некогашното СЈО, а сега ги проблематизираат постапките против нив од аспект на аболициите што им ги даде Иванов.
Од Владата потоа соопштија дека нема да ја користат можноста за спогодување со ексфункционерите обвинети во предметите на СЈО, кои поднесоа апликации против државата пред ЕСЧП во Стразбур.