Министерот за транспорт и врски Бочварски најави дека се работи на решение за зголемување на бројот на градежни инспектори што ќе работат на терен
Со новиот закон нема да се дозволува легализација на времените објекти, како што беше случајот досега. Со него ќе бидат опфатени дивоградби како онаа кај „Мавровка“, на охридското крајбрежје, но и големи станбени згради кои се дел од некои бизнис-интереси, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој рече дека општините и државата ќе продолжат заемно да дејствуваат, но оние што треба да постапуваат се општинските инспекциски служби.
Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата, тој ги посочи примерите на Охрид, каде што процесот е почнат и локалната власт продолжува во соработка со централната власт, како и примерот со објектот кај „Мавровка“, каде што мораше да интервенира Владата.
„Во случајот ‘Мавровка’ имаше наод на инспекторите и решение за уривање, но општината имаше проблем со избор на фирма за уривање и сопственикот не сакаше да урива, па затоа се вклучи ЈП ‘Македонија пат’“,
објасни Бочварски.
Тој ги повика сите градоначалници да ги преземат своите ингеренции за уредување на урбаните средини, додека Владата преку законите во иднина ќе направи, како што рече, силен фронт против урбаниот хаос.
Бочварски најави дека се работи на решение за зголемување на бројот на градежни инспектори кои ќе работат на терен. Бочварски рече дека според него е најдобро тоа да се направи со измена на законот и со ставање посебни услови за привлекување ваков кадар.