Нападите се случиле за време на протестите на кои излегоа илјадници руси кои се против мобилизацијата на 300 000 резервисти што вчера ја најави рускиот претседател Владимир Путин
Воен регрутен центар и административна зграда во Русија синоќа биле нападнати со молотови коктели додека во исто време низ целата земја се одржуваат протести против одлуката на рускиот претседател,Владимир Путин за делумна мобилизација, пишува „Москва тајмс“, а пренесува „Гардијан“.
Според информациите на локалниот веб-портал nn.ru, кои засега не се потврдени и од други извори, во градот Нижни Новгород, кој се наоѓа 440 километри источно од Москва, фрлен молотов коктел предизвикал помал пожар во регрутен центар.
Провладин руски телеграм-канал, повикувајќи се на локалните власти, пак, тврди дека во нападот била оштетена стоматолошка ординација во зградата.
Поголем пожар, според информациите, избувнал во административна зграда во градот Тољати, оддалечен 1 000 километри источно од Москва.
Локалниот новински веб-портал nesluhi.info, навел, цитирајќи претставници на службата за спасување, дека во напад со молотов коктел изгорел влезот на административната зграда.
Засега нема информации за повредени лица, како и за евентуални апсења на демонстранти во Нижни Новгород и Тољати.
Нападите се случиле за време на протестите на кои излегоа илјадници руси кои се против мобилизацијата на 300 000 резервисти што вчера ја најави рускиот претседател Владимир Путин.
Независни набљудувачки групи соопштуваат дека близу 1 400 демонстранти се приведени, од кои повеќе се жени.
На видеата што се шират на социјалните мрежи се гледа како руската полиција тепа граѓани, додека насобраните извикуваат слогани против Путин.
Најавата за мобилизација предизвика Русите масовно да ја напуштаат земјата. Авиобилетите за дестинации за кои не е потребна виза се распродадени, а оние што остануваат, пишуваат медиумите, се достапни само за петок, по цена од илјада евра и повеќе.
Од синоќа се регистрираат колони на руско-грузиските гранични премини.
Рускиот претседател Владимир Путин во вчерашното обраќање до нацијата прогласи делумна мобилизација и се закани дека Москва ќе ги искористи сите средства ако има закана за територијалниот интегритет на Русија, што подразбира и употреба на нуклеарно оружје.