Тие вчера поминаа на владина седница и се испратени до Собранието, а Филипче очекува поддршка од сите партии
Министерот за здравство Венко Филипче не очекува дека ќе се блокираат предлог-измените во Законот за здравствена заштита со кои ќе се ограничи цената на лекување во приватните болници. Тие вчера поминаа на владина седница и се испратени до Собранието, а Филипче очекува поддршка од сите партии.
Во пракса, како што објасни министерот, ако граѓанин реши да се лекува приватно, максимум ќе плати 300 000 денари (5 000 евра).
„Ако е комплексно лекување и долго трае, максималната сума што ќе треба да ја плати граѓанин е 300 000 денари. Станува збор за сума што пациентите ја плаќаат во приватните болници, а таму заминале на своја волја да се лекуваат, како што тоа го прават сега, а плаќаат голема сума пари“,
рече Филипче.
Ограничувањата, како што објасни, се на ниво на цените на пакетите што Фондот за здравствено осигурување ги плаќа кон здравствените установи, а тоа е од 40 до 300 000 денари, во зависност од типот на лекувањето, односно дали лекувањето е интензивно, дали се користи респиратор или не.
Покрај ова, со измените се предвидува и државата, ако има потреба, да ги користи капацитетите во приватното здравство.
„Ако треба ние да ги користиме како држава ресурсите на приватните болници, тогаш за тие ресурси не плаќаме никаков надоместок кон приватните клиники, а Фондот си ја презема услугата на плаќање. Таква ситуација немаме сега“,
рече министерот.
Според изјавата на Филипче, Владата одлучила да направи измени со кои се предвидува државата да ги користи капацитетите на приватните болници ако има потреба, бидејќи во Законот за кризна состојба тоа не е прецизирано. Во тој закон се предвидува државата да користи до 30 проценти од капацитетите на приватниот сектор, но, бидејќи тоа конкретно не е дефинирано за болниците, властите веќе се соочиле со проблем во пресметките при прогласувањето на кризната состојбата.
„Законот за кризна состојба е димензиониран врз основа на други проекции, да се користат други механизми како механизација, машини итн., не болници и кадар“,
рече Филипче.
Уште една важна измена кој ќе се направи е што ќе се забрани кадар од јавното здравство да преминува во приватното во услови на кризна состојба или прогласена пандемија од заразна болест.