Според предлагачот на законот, Министерството за труд и социјална политика (МТСП), целта на ова законско решение е најранливите категории граѓани да добијат финансиска помош во услови на енергетска криза
Со 70 гласа „за“, ниту еден „против“ или „воздржан“, Собранието попладнево го усвои Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза.
Според предлагачот на законот, Министерството за труд и социјална политика (МТСП), целта на ова законско решение е најранливите категории граѓани да добијат финансиска помош во услови на енергетска криза.
Пратениците од опозицијата рекоа дека ќе го поддржат Предлог-законот, но посочија оти со него треба да бидат опфатени и други категории на граѓани. Средствата, пак, предвидени за непродуктивни трошоци, додаваат, да се прераспределат за антикризните мерки.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека мерката за финансиска помош од 750 денари е потценување на категориите на граѓаните во услови кога има инфлација од 20 отсто и кога опозицијата обзнанува колкави големи плати земаат некои функционери. Тој потсети дека еден од антикризните предлози на опозицијата е мерките наместо четири месеци да траат додека трае кризата.
„Ние имавме прес-конфекции на кои ги презентиравме нашите антикризни мерки. Претседателот Мицкоски излезе со предлог за четири мерки. Ни требаа четири месеци да ве убедиме да ги интегрирате училиштата и јавните претпријатија за комунални и водни услуги од слободен на регулиран пазар. Останаа и некои мерки, за кои Владата не се охрабри да каже дали ги прифаќа или не ги прифаќа“,
рече Стојановски.
Пратеникот од СДСМ Диме Велковски во реплика до Стојановски рече дека со законот се опфатени осум категории граѓани, а дека ќе бидат доделени над една милијарда денари.
„Со овој закон се доделуваат над една милијарда денари на осум категории на луѓе, од кои пет категории, меѓу кои корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, ќе добиваат по 3 000 денари“,
рече Велковски.
Стојановски во контрареплика до Велковски, пак, рече дека можат да се скратат непродуктивните трошоци и наместо 20 милиони евра, уште 27 милиони евра да се прераспределат на социјално ранливите категории на граѓани.