Преодната влада се избира на 100 дена пред парламентарните избори закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за техничката влада, но двајцата министри назначени на нивни предлог дадоа свечена заклетва


Со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието денеска ја изгласа техничката влада, по речиси двочасовна пленарна дискусија. За избор на Владата потребно беше просто мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници.
Премиер во преодната влада ќе биде Талат Џафери од ДУИ, кој вчера до Собранието поднесе полн предлог-состав на Владата, вклучувајќи ги и двајцата технички министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Панче Тошковски, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и Ѓоко Велковски, кој ќе застане на чело на Министерството за труд и социјална политика.
Прв заменик-премиер ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања.

Мандатарот Џафери во експозето пред пратениците кажа дека прв приоритет на преодната влада ќе биде одржувањето на редовните претседателски избори на 24 април и парламентарни избори на 8 мај, на фер и демократски начин.
Имајќи предвид дека техничката влада е предлог произлезен од преговорите на политичките партии, и е продолжение на претходната влада која работеше со усвоена програма, Џафери кажа дека се обврзува на целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики.
„За мене, како мандатар на оваа влада, нема разлика дали станува збор за 1 или 100 дена, за техничка или преодна влада. Јас оваа должност, оваа доверба, чест и над сѐ, исклучително важна одговорност ја сфаќам и ќе ѝ пристапам онака како што сум постапувал во секоја етапа и при секој предизвик којшто се појавувал пред мене во мојот професионален и персонален живот. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности, дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија“,
истакна Џафери.

Целиот говор на Џафери може да го погледнете овде.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за изборот на влада, иако добива дваjца технички министри. Тие обвинија дека ДУИ нема доволно пратеници ниту број на гласови за да се избере премиер од нивните редови.
„Денеска Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија приврзок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ, заради коруптивни побуди, денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

За СДСМ, ова се единствените 100 дена кога ВМРО-ДПМНЕ ќе има можност да биде власт. Оттаму сметаат дека по изборите партијата на Христијан Мицкоски повторно ќе замине во четиригодишна опозиција.
„Во овие 100 дена ќе го поразиме концептот на хоророт и враќањето назад, што го промовира Мицкоски. На 8. мај, заедно со граѓаните, ќе го поразиме целиот хорор на ДПМНЕ. На слободни, фер и демократски избори ќе победи европскиот блок, а на 9. мај, Денот на Европа, европскиот фронт ќе прогласи формирање нова, проевропска Влада, којашто ќе обезбеди членство во ЕУ до 2030 година“,
рече пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.

Збор зема и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Испровоциран од критиките во излагањата на пратеникот Антонио Милошоски и на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Ахмети кажа дека државата бележи напредок и воспоставила рамноправност.
„Почитуван Милошоски, кога вие сте биле роден, 1976 година, јас сум бил во гимназија, но, бев под кирија. Негиран, исмеван, ставен настрана, од тие коишто владееја во тоа време. Јас како млад не сум бил рамноправен со генерацијата. Ми се негираше мајчиниот јазик, на моите родители им се негираше вработувањето во нивната земја и требаше да одат во странство. Затоа јас овдека ви зборувам како човек којшто потекнува од родители, кои нивните тела ги оставија во Австрија и Либија. Зборувам како човек кој пател и бил тортуриран од тогашниот систем. Кога било Кичево подобро, тогаш или денеска, кога сме рамноправни? Гимназијата во која сум учел, функционира одлично, и на македонски и на албански. Почитуван Павле, дали беше подобро во 2001 кога бевме на спротивставени страни, кога ме бркавте со државата или сега, кога сме 22 години заедно во Собранието, каде што донесуваме одлуки за нашата држава да ја зачлениме во Европската Унија?“,
кажа Ахмети.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада.
Во продолжение може интегрално да ја проследите денешната собраниска седница.