Аудиоснимки, кои се наоѓаат на УСБ што во обвинителството го предал Зоран Милески-Кичеец, денеска треба да се пуштат во судница на рочиштето за „Рекет“ во присуство на новинарите и останатата јавност.
Во контекст на аферата „Рекет“, експратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пак, најави дека утре ќе ѝ предаде нови снимки на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
„Утре, на моја иницијатива, ќе остварам средба со г-ѓа Вилма Русковска. Целта на закажаната средба е на обвинителката да ѝ го предадам аудиоматеријалот доставен од укажувач, а на кој се препознава гласот на поранешниот премиер Зоран Заев. Во прилог на овој материјал ќе го доставам и транскриптот од чија содржина произлегува сомнеж за тоа дека господинот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на ‘Меѓународниот сојуз’ на Бојан Јовановски преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој лично од позицијата премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ. Се надевам дека овој материјал ќе му биде од корист на обвинителството во покренатото обвинение за овој предмет“,
најавува Милошоски.
Тој минатата недела на седницата на собраниската Комисијата за европски прашања, на која се разгледуваше Законот за јавно обвинителство, пушти една аудиоснимка и презентираше транскрипт за, како што наведе, разговор на лицето З.З. во врска со Боки 13.
И на пленарната седница во петокот за законот за јавно обвинителство тој од говорница сакаше да пушти нова „бомба“.
„Би сакал да ве прашам, дали ќе ми дозволите Вам, на јавноста и на пратениците да ви пуштам уште една снимка на лицето З.З. која покажува дека тој е главата на ‘Рекет’. Снимката е јасна и покажува дека лицето знае и учествува, организира и дава совети како да оди операцијата ‘Рекет’“,
рече Милошоски.
Боки најави дека со снимките од Кичеец ја отвора Пандорината кутија
Кога се во прашање снимките на Зоран Милески-Кичеец, тие се дел од доказите на обвинителството во првото обвинение во рамки на аферата „Рекет“ каде обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева. Кичеец, исто така, беше обвинет, но призна вина и доби затворска казна од три години.
На неговото УСБ има пет снимки. Од нив две се пуштија јавно на рочиштето во четвртокот иако снимките тешко се разбираа во делот од судницата каде седеа новинарите, па тешко беше да се сфати контекстот на разговорите.
Од останатите три снимки, Русковска како доказ предложи уште една, но поради приватни теми бараше јавноста да биде исклучена кога ќе се слуша таа снимка. Преостанатите две снимки таа првично не ги предлагаше како доказ бидејќи, како што вели, не се поврзани со предметот.
На тоа, обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева минатата недела реагираа и бараа новинарите да ги слушнат снимките. Поранешната специјална обвинителка дури посочи дека од нив ќе се види кој нудел рекет, кој поткуп, а кој бил изманипулиран. Боки, пак, велеше дека со тоа ќе ја отвори Пандорината кутија за да се види неговиот однос со Кичеец и како се манипулирало.
Така, вчера обвинителката Русковска побара, а судечкиот совет на чело со Васка Николовска-Масевска одлучи снимките кои јавноста досега немаше можност да ги слушне, да се пуштат на денешното јавно судско рочиште.
„Одбраната и обвинетите направија голем проблем околу тоа. Сметав дека прикажувањето на тие разговори е непотребно одолговлекување на постапката. Сепак, поради јавноста и да нема никакво сомнение во тоа дека обвинителството не сака да прикаже некакви докази кои наводно одат во корист на одбраната, предложив тие снимки да се слушнат и мило ми е што судијката прифати“,
изјави вчера Вилма Русковска.
Во случајот „Рекет“, првообвинетиот Боки 13, пак, се товари за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Рекет 2“ чека оцена
Обвинителството поднесе уште едно обвинение во рамки на аферата „Рекет“, но тоа сè уште чека оцена од Основниот кривичен суд.
Со вториот предмет опфатени се: Бојан Јовановски-Боки 13, како прв човек на невладината организација „Меѓународен сојуз“, пратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, таткото на Боки – Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки.
Тој е првообвинет за делата измама и перење пари. За помагање во извршување на првото – измама, обвинети се и Ременски, Мандиќ и Блажевска. За помагање на второто дело, перење пари, со обвинението се опфатени: Мандиќ, Блажевска и Миле Јовановски, кој исто така се товари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. За измама се гони и „Меѓународниот сојуз“.